Струки
Струки - профили
Имајќи ги предвид најновите светски тенденции и актуелните индустриски, економски и техничко технолошки развојни достигнувања, стручното образование и обука во светот сè повеќе се диференцира како иницијален двигател на целиот развоен процес на секоја држава.
Неминовна е потребата од стекнување нови информации и компетенции применливи во практиката, квалитети кои ученикот може да ги стекне единствено низ процесот на стручното образование обука.
Од тие причини, стручното образование и обука нуди квалификации кои обезбедуваат квалитетни компетенции преку кои се продуцираат економски
активни и вработливи идни генерации кои ќе бидат способни да го подобрат животот во целина.

Земјоделство, рибарство и ветеринарство
Земјоделство претставува основна стопанска гранка и дејност која претставува процес на производство на храна, храна за животни, влакна, суровини за индустриска преработка и други потребни производи преку одгледување одредени растенија и домашни животни. Со поимот земјоделие се означуваат голема група на аграрни дејности кои првенствено ги опфаќаат: полјоделството, сточарството, лозаро-овоштарството. Агрономијата е збир науки, кои ги проучуваат начините на земјоделското производство и стопанисување и иследуваат различни држави на ниво на културно растение - абиотични еколошки услови - биотични еколошки услови. Риболов или рибарство е стопанска гранка чија задача е одгледување, ловење и преработка на рибите. Ветеринарството е гранка на медицината која се занимава со превенција, дијагностика и лекување болести, нарушувања и повреди кај животните.
Техничар за фитомедицина

Препознава штетници и болести на земјоделските култури; спроведува мерки за заштита на растенијата; изработува план за заштита на поедини земјоделски култури; подготвува средства за заштита на растенијата; дава совети за заштита на растенијата и примена на средства за заштита на растенијата; работа во земјоделски аптеки за продажба на препарати за заштита на растенијата, како и изработка на прогноза за појава на одредени болести и штетници.
Со стекнување на квалификацијатa, ученикот ќе може да работи како Оператор за заштита на растенија, Оператор за растително земјоделско производство, но и на други занимања, согласно со стекнатата квалификација.

Техничар по ветеринарна медицина
Планира и организира активности, самостојно или под надзор и по налог на ДВМ (доктор по ветеринарна медицина); асистира во прегледот, дијагностиката и лекувањето на животните; учествува во лабораториски испитувања и во контрола на храната од животинско потекло; подготвува и дава храна на домашните животни, спроведува зоотехнички, зоохигиенски и превентивни мерки за здравствена заштита на животните; води етеринарна евиденција, врши вештачко семенување, обележува животни и други работи од техничка природа, поврзани со здравствената заштита на животните, согласно со законските прописи за борба против заразните болести кај животните кои ја
загрозуваат целата земја, како и здравјето на животните и луѓето.
Со стекнување на квалификацијатa, ученикот ќе може да работи како Оператор во ветеринарна медицина, Оператор за сточарско производство, но и на други занимања, согласно со стекнатата квалификација.
Техничар за агроменаџмент

Планира, организира и контролира операции за примена на основните техники при работа на фарма; подготвува производен план, утврдува големина и структура на стопански двор и производна површина, на потребна механизација, опрема и уреди; спроведување на потребните агротехнички и зоотехнички мерки на фармата и набавува репроматеријали и средства за работа; планира, организира и контролира операции за промет на земјоделски производи, на производство на земјоделски производи и преработки; изработува план за пласман на земјоделски производи и преработки, формира продажна цена и цена на чинење, избира соодветна амбалажа; изработува план за промоција и унапредување на продажбата; ги применува принципите на добрата земјоделска пракса, хасап стандарди (НАССР) и органско земјоделско производство.
Со стекнување на квалификацијатa, ученикот ќе може да работи како Оператор за менаџирање на фарма, Оператор за маркетинг на земјоделски производи и услуги, Оператор за растително производство, Оператор за сточарско производство, Оператор за земјоделска механизација, но и на други занимања, согласно со стекнатата квалификација.

Агротехничар
Контролира операции за примена на основните техники при работа во полјоделското, градинарското, цвеќарското, лозарското и овоштарското производство; правилно подготвува земјоделски машини и материјали за растително производство; применува системи за обработка на површините за производство на земјоделски култури, начини и техники на сеидба, садење и расадување, мерки за нега на земјоделските култури; применува принципи на органско земјоделско производство и можностите за преминување од конвенционално во органско земјоделско производство; спроведува пропишани технологии за работа, контрола на зоохигиенски и микроклиматски услови во објектите за чување на животни; контролира пропишани мерки за исхрана на сите видови и категории на животни, млечност, прираст и несивост, условите за безбедно складирање и чување на производите од сточарското производство; учествува во изработка на план за работа, земање примероци за анализа од сточарски производи и сточна храна; води матична евиденција за животните, за продукција на животните и примена на принципите на органско сточарско производство; контролира операции за примена на основните техники при работа со земјоделска механизација.
Со стекнување на квалификацијата, ученикот ќе може да работи како Оператор за растително земјоделско производство, Оператор за сточарско производство, Оператор за земјоделска механизација, но и на други занимања, согласно со стекнатата квалификација

Хемија и технологија
Секторот Хемија и технологија обезбедува функционални, безбедни, одржливи, квалитетни производи и процеси за задоволување на барањата и потребите на клиентите и заштита на животната средина. Секторот е од витално значење за животот на човекот и е директно одговорен за создавањето, менувањето и подобрувањето на животната средина. Хемиската индустрија како една од клучните светски индустрии, преку зголемување на иновациите, тежнее да обезбеди производни процеси со кои се намалуваат ризиците по здравјето и животната средина и обезбедување одржлив развој. Токму затоа, денешен тренд во хемиско-технолошкиот сектор се нови материјали со подобрени карактеристики кои ќе можат лесно да се добиваат и лесно да се рециклираат и нови технологии кои ќе имаат минимално влијание врз животната средина, при оптимално користење на енергијата.
Прехранбената индустрија како дел од овој сектор, која се занимава со производство на квалитетна храна за задоволување на потребите на потрошувачите, се развива кон создавање функционални производи кај кои се комбинираат нутриционистички и фармацевтски карактеристики.
Прехранбен техничар

Извршува лична подготовка и подготовка на работното место со примена на прописи и стандарди на работно место; оценува и контролира квалитет на суровини, полупроизводи, производи и амбалажа; управува со машини и опрема со помош на кои го води технолошкиот процес; следи, контролира и спроведува одредени технолошки операции во прехранбената индустрија и спроведува внатрешна контрола, спроведува добра хигиенска и производна пракса.
Со стекнување на квалификацијата, ученикот ќе може да работи како Преработувач на жито/Мелничар, Производител на кондиторски производи/Кондитор, Преработувач на овошје и зеленчук, Производител на безалкохолни и алкохолни пијалаци, Производител на пиво и оцет, Производител на шеќер, Производител на квасец и етанол, Преработувач на кафе, чаеви и додатоци на јадења, Производител на млеко и млечни производи, Преработувач на месо и месни производи, Изработувач на леб и бели печива, Оператор за микробиолошки и санитарни анализи, Контролор наквалитет на производи и материјали, Хемиски процесен оператор, Ракувач со машини за амбалажирање, пакување и етикетирање, но и на работни места во индустриско производство, лаборатории, занаетчиство и во трговијата со храна.

Техничар за козметички и хемиски производи
Извршува лична подготовка и подготовка на работното место со примена напрописи и стандарди на работно место; избира соодветен алат и инструменти за работа; следи и контролира технолошки процес на производство на хемиски и козметички производи; обезбедува услови за непречено извршување на работата; прави анализа и испитување на составот, својствата и дејството на суровините, полупроизводите и готовите хемиски и козметички производи; избира соодветна амбалажа за производите.
Со стекнување на квалификацијата, ученикот ќе може да работи во областа на производство, контрола и анализа на хемиски и козметички производи, како Оператор во козметичка индустрија, Оператор во детергентска индустрија, Оператор во органско-полимерна индустрија, Оператор во неорганска индустрија, Контролор на квалитет на производи и материјали, Хемиски процесен оператор, Ракувач со машини за амбалажирање, пакување и етикетирање, но и на други работни места во индустријата за производство на хемиски и козметички производи.
Здравство и социјална заштита

Здравствената дејност е од јавен интерес и се реализира како јавна служба со која се обезбедува здравствена заштита. Таа ги опфаќа мерките, активностите и постапките за зачувување и унапредување на здравјето, за спречување, рано откривање и сузбивање на болести, повреди и други нарушувања на здравјето предизвикани од влијанието на работната и на животната средина, за навремено и ефикасно лекување, како и за здравствена нега и рехабилитација.

Медицинска сестра
Применува општа и специјална здравствена нега во превентивни цели кај здраво население, како и кај болни во дијагностички, терапевтски и рехабилитациони цели во примарна, секундарна и терциерна здравствена заштита; организира и спроведува систематски и превентивни прегледи, домашна посета, вакцинација, општа и специјална нега на пациент како дел од здравствен тим; при тоа, употребува, складира и аплицира крв, крвни деривати и медикаменти, зема биолошки материјал за дијагностика по налог на лекар; ракува со основна медицинска апаратура и инструменти, медицински материјали, средства за заштита.
Со стекнување на квалификацијатa, ученикот ќе може да работи како Медицинска сестра и на други работни места, согласно со квалификацијата.
Фармацевтски техничар

Изработува лековити и други фармацевтски соединенија под водство на фармацевт; прави нарачка, прием, обележување, детектирање, складирање и чување лекови, суровини, амбалажа и други залихи; учествува во фармаковигиланца, истражувања, контроли, испитувања на квалитетот, издавање, продавање и давање совети за: OTC препарати, суплементи, чаеви, диететика, козметика, санитетски материјал, медицински апарати и помагала и др.; евидентира, обработува, анализира и документира податоци и прави пресметки, согласно со работните задачи; распоредува и врши надзор над работници, над технолошките фази во фармацевтското и козметичкото производство; обезбедува чистота и исправност на апаратурата и инвентарот; известува за неправилности и решава проблеми на работното место, со примена на соодветни стандарди и прописи, почитувајќи ги принципите за заштита на здравјето и животната средина.
Со стекнување на квалификацијатa, ученикот ќе може да работи како Фармацевтски тeхничар и на други работни места, согласно со квалификацијата.

Физиотерапевтски техничар
Учествува во зачувување на здравјето, здравствена едукација и рехабилитација на пациенти во примарна, секундарна и терциерна здравствена заштита; ја планира и организира сопствената работа преку подготовка на просторија, пациент, апарати, инструменти, материјали и помошни средства за медицинска рехабилитација; применува физикални третмани, масажа, фитнес и кинезитераписки вежби, грижејќи се за општата состојба и напредокот на пациентот, за кои уредно и прецизно води медицинска документација.
Со стекнување на квалификацијатa, ученикот ќе може да работи како Физиотерапевтски техничар и на други работни места, согласно со квалификацијата.
Угостителство и туризам

Угостителството претставува стопанска дејност која врши разни услуги на луѓето за задоволување на нивните потреби за сместување, исхрана, пијалаци, забава и разонода. Доколку подобро го разгледаме технолошкиот процес на работењето, ќе видиме дека угостителството е делумно услужна дејност, односно дека во своето работење врши и производство. Подготвувањето на храна и пијалаци има карактер на производен труд, а со тоа спаѓа во подрачјето на материјалното производство, а додека пак, изнајмувањето на соби претставува услуга, со што има карактер на непроизводствен труд.
